Во охридскиот етер постоиме од 7 ноември 1957 година. Повеќе од половина век сме лидер во охридскиот медиумски простор. Поминавме во овие, повеќе од 5 децении многу свои патишта, имавме и неколку свои падови, но секогаш се исправавме и продолжувавме. И еве сме сега овде. Повторно го носиме епитетот на најслушано радио во Охрид, кое нуди разновидна и квалитетна програма. Информираме навремено и точно за се она што се случува во градот, но и во Македонија и пошироко. Сервисираме информации, едуцираме, релаксираме,го презентираме се она што го носи префиксот актуелно, но пред се вредно и трајно!
Програмата е разновидна : од вести до занимливости, од документарни програми до емисии за хумор и сатира. Истовремено, нашата музичка програма е комбинација од различни музички стилови, стари и нови, од странски и домашни евергрини, незаборавни серенади и народни песни, до најнови македонски и странски хитови. А сето тоа е убаво спакувано во емисии со индикативни наслови , соодветни содржини и утврдени термини.
И во музичката програма се раководиме од истото мото: СЕ ШТО Е ВРЕДНО И ТРАЈНО!
Не ги следиме трендовите по секоја цена, туку се трудиме добро да ги селектираме информациите и музиката што ќе ги пласираме на нашите мегахерци. Избегнуваме: политичка обоеност, локални трачови, навреди на личности, црни хроники и шундови. Се стремиме кон етика во информациите и говорот, го поддржуваме македонскиот литературен јазик и култура. Ако пред неколку години многумина мислеа, па дури некои ( ретки за среќа) посакуваа да згаснеме како и сите други, некогаш државни локални радио станици( 29 на број), ние не само што опстанавме , туку и повоторно го вративме својот рејтинг на најслушано радио под охридското небо, кое претставува ,,очи и уши,, на охриѓани.
Со својата квалитетна, препознатлива информативна и музичка програма повторно навлеговме во секоја пора од животот на охриѓани и пак сме слушани од сите генерации- во домашна атмосфера, во канцелариите, автомобилите, на работните места Зрачиме на 89-от мегахерц, а нашиот сигнал го покрива не само охридскиот регион , туку допира и до Струга и нејзината околина.Сопственик на Радиото е Венко Шапкар, познат охридски бизнисмен, а во креирањето на 24 часовната секојдневна програма, постојано се ангажирани 7 лица. Ни требаа 2 години за да докажеме дека имиџот на најстаро радио во охридскиот етер, не ни е хендикеп, туку е наша предност и БРЕНД.
Бевме прв електронски медиум во Охрид и останавме НАЈДОБРИ!














