Претстојните матурски прослави и оваа година интензивно удрија по џебот на родителите кој со секој изминат ден станува се потенок. Матурантите и годинава ќе се потрудат да изгледаат најубаво, во скапи тоалети, смокинзи и чевли, неретко набавени од околните земји. Трошоците за матура секоја година се зголемуваат. Почнувајќи од цените за сликање за табло, преку изработка на алманах, па се до облеката, фризурата и неизбежното пречекување гости сите три вечери. Некои од родителите гостите ги пречекуваат дома. Кај други пак, години наназад тренд е завршеното средно образование на своите деца да го прославуваат во некој ресторански или хотелски објект. Колку за илустрација, во голем дел од излозите на охридските дуќани не можат да се најдат фустани и одела поефтини од 3.000 денари. Секој родител сака неговото дете, во рамките на можностите да изгледа најубаво на својата матура. Граѓаните сепак сметаат дека прославата на матурата се повеќе наликува на свадба и дека го губи своето значење.
Според кажувањата на постарите, пред неколку децении да бидеш матурант значело голема гордост, демонстрација дека со завршувањето на средното образование успешно е положен тестот на зрелоста и дека матурантите се подготвени за соочување со предизвиците кои ќе се најдат на нивниот животен пат. Денес, ситуацијата е сосема спротивна. Да бидеш матурант, меѓу младите значи конзумација на алкохол во големи количини на прославата на матурскта вечер, демонстрација на фустаните како на модна писта и престиж, односно докажување кој има и кој може повеќе во финансиска смисла. Но, само кај нас е така. Во Црна Гора, на пример, матурите се прославуваат многу поскромно и само во една вечер. Таму е многу побитен успехот на матурантот во изминатите четири години и неговите предиспозиции за понатамошно академско образование. Во Македонија по се изгледа се повеќе се губи смислата на поговорката "Пушти си ги нозете колку што ти е чергата", бидејќи најчесто не е така. Ние секогаш си дозволуваме повеќе отколку што можеме и отколку што реално заработуваме. Како и да е, повеќе од јасно е дека матурската вечер се прославува само еднаш, а сеќавањата остануваат засекогаш.













