Турскиот филмски мегахит "Долина на волците - Палестина", кој во градов започна да се прикажува на 8-ми март, е најгледан странски филм во Охрид во првото тримесечије од годинава, информираат од Центарот за култура "Григор Прличев". Директорката Драгана Боцеска изрази големо задоволство од тоа што ова најскапо остварување во турската кинематографија навреме дојде до охридската публика.

Во просек, во една вечер филмот го гледаат по 300 гледачи, а во наредниве два дена се очекува бројот на публиката да се зголеми до 500 гледачи, колку што е и капацитетот на кино салата. Поради големиот интерес, филмот ќе се прикажува и во недела. Накратко околу содржината: По крвавиот напад на бродот кој пренесува храна во Газа, Полат Алемдар и неговите другари одат во Палестина, со една единствена мисија: да го фатат израелскиот командант кој го планирал нападот. Полат воспоставува контакт со Палестинците и се обидува да се доближи до неговата цел чекор по чекор. Но, него го чекаат нови изненадувања. Тој е очевидец на многу убиства кои Моше ги прави врз невиното население во Палестина. Воената технологија и суровото владеење на Моше, сепак нема да му помогнат на крај тој да остане жив.
Режијата на филмот е на Зибер Шасмаз, а главните улоги ги толкуваат Неџати Шасмаз, Ердал Бесикиоглу и Нур Ајсан. Цената на влезниот билет изнесува 100 денари, а почетокот на проекциите е во 20.00 часот.













