|
Манастирскиот комплекс Св.Наум остана полупразен оваа сезона |
|
Понеделник, 23 Август 2010 11:23 |
|
Наместо преполно со туристи, најголемото македонско светилиште - манастирскиот комплекс Св Наум Охридски оваа сезона остана полупразен. Угостителите, тезгаџиите и продавачите во најживописниот локалитет на брегот на Охридското езеро, силно погодени од слабата посетеност, тие се жалат на преполовена заработка. Според нивните анализи главна причина за тоа е забраната за пловидба на бродовите, кои дневно носеа илјадници гости во манастирот.
- Слободно можам да кажам дека сите коцки негативно се поклопија, почнувајќи од лошото време на почетокот на сезоната, па се до стопирањето на пловидбата на бродовите, кои беа единственото нешто кое може да им се понуди на гостите. Туристите немаа можност со крстарење да стигнат до св Наум, тие ова лето доаѓаа со автобуси и коли , а сите добро знаеме каков е патот до манастирот, објаснува Благоја Ристески сопственик на угостителски објект во Св. Наум. Мртвиот воден сообраќај остави дваесетина семејства без сопствената егзистенција, но му зададе и силен удар на ионака разнишаното туристичко стопанство.
- Прв пат во историјата на Охридското езеро се случува бродовите да бидат под забрана за пловидба, во текот на летна сезона. Градот да нема брод. И самите знаеме дека Охрид нема богата туристичка понуда освен историја и природна реткост бродовите беа третата атракција, за жал сега го немаме и тоа, вели Горан Устијаноски,претседател на Здружение на бродари, кој наместо со брод во Св. Наум денеска пристигна со автобус.
Крстарењата по изворите на Црни Дрим ова лето заминаа во заборав. Замреа и традиционалните свадби и забави, кои почнуваа на бродовите а завршуваа во некој од угостителските објекти во Свети Наум.
|
|
Иванов: Македонија е под стравотен притисок за решавање на спорот со името |
|
Петок, 20 Август 2010 12:44 |
|
Ние сакаме решение на проблемот, но ние имаме чест, достоинство и гордост, рече претседателот Ѓорге Иванов на денешната средба со новинарите во Охрид на прашањето околу решавањето на спорот со името. -Грција никој не ја притиска,но ние имаме стравотен притисок за решавање на спорот , затоа сите напори и иницијативи во таа насока се токму од наша страна – истакна Претседателот. Според него долгогодишното провлекување на проблемот е резултат на политичката недоверба меѓу двете земји. -Ние постепено се обидуваме да се создаде клима за градење на взаемна доверба меѓу двете нации почнувајќи од најниско ниво, додаде Иванов. Претседателот Иванов додаде дека, Лисабон веќе тропа на врата , мора да дојдеме до решение околу името кое е клучот за влез во НАТО , но тоа решение мора да биде взаемно прифатливо, односно да нема последици врз нашиот идентитет. На брифингот, Иванов појасни дека, со привремената спогодба во 1995 година Македонија имала можност да влезе во ЕУ и НАТО под времена референца, но некој тоа го одбил. -Истражувајте, вие сте новинари проверете кој го направил тоа – им порача Иванов на новинарите. Според него, тогаш сме ја пропуштиле можноста да го решиме денешниот проблем и тоа кога правото било на наша страна. - Сега имаме уште два нови дополнителни услови да исполнуваме - да преговараме за името, но и да користиме времена референца. Нимиц мудро молчи и настапува многу внимателно бидејќи исходот од решението на нашиот проблем ќе биде пример за решавање на сите слични или исти проблеми во иднина во светски рамки. А кога би се постигнало ново решение која е гаранцијата дека Грција ќе го почитува тоа - отворено запраша претседателот. |
|
Стиховите од Т ' га за југ ги отворија Струшките вечери на поезијата |
|
Петок, 20 Август 2010 12:34 |
|
Традиционално со стиховите од познатата поема "Тга за југ" на Миладинов, раскошен огномет и громогласни аплаузи, вечерва започна славењето на поезијата во Струга. Поетите се оние кои градат мостови и му подарија уште еден јазик на мултиетничкиот град, јазикот на поезијата -истакна во своето обраќање министерот за култура Елизабета Кначевска Милевска.
-На самиот почеток на овој импозантен собир на поетите од сите земји, сакам да ги споделам радоста и гордоста, што Република Македонија во мигот е престолнина на поезијата во која различните култури и јазици комуницираат отворено и искрено градејќи мостови меѓу сите цивилазации, рече Милевска. -Поезијата стана симбол на овој град, голем празник за сите нас кој ги оплеменува нашите души и ги исполнува со животен елан, рече во својот говор Рамиз Мерко градоначалник на Струга. Покрај стандардните содржини - поетските читања „Мостови" и „Меридијани", портрет на лауреатот Левчев во црквата Св. Софија во Охрид,фестивалот ќе биде збогатен и со нови содржини сликарство и настап на музичари кои ќе изведуваат - Годинава во предвечерието на златниот јубилеј на најголемиот поетски фестивал воведовме поинакви перфоманси читање на стихови со музика, рече Славе Ѓорго Димоски организатор.
Годинешниот лауреат Љубомир Левчев е носител на 17 национални и меѓународни награди и признанија за поезија речиси на сите континенти. Неговата поетска афирмација почнала токму во Македонија со песната „Затворениците слушаат музика" во превод на Гане Тодоровски.
Како што најавија организаторите оваа година на најреномираната поетска манифестација во земјава учествуваат шеесетина поети од сите континенти и педесетина домашни автори, меѓу кои има и доста млади.
|
|
"Кај Чинарот" по шести пат |
|
Четврток, 19 Август 2010 14:43 |
|
Охрид годинава по шести пат на 20-ти и 21-ви август ќе биде домаќин на фестивалот на вино и сирење кај Чинарот. Овој своевиден мини саем, чие име ја симболизира традицијата во производоството на квалитетно сирење и вино е во организација на регионалното здружението на одгледувачи на овци од западниот дел на Македонија со поддршка на охридската локална самоуправа.
Посетителите на штандовите кои ќе бидат поставени кај фонтаната ќе можат преку дегустација да ги дегустираат вкусовите на македонските вина и на сирењето, најави Радован Велјаноски од општинскиот сектор за туризам и локален економски развој.
За менаџерот на здружението на одгледувачи на овци, Људзим Фејзулаху, оваа шестгодишна традиција претставува убава симболика и го исполнува условот на одржливост.
На фестивалот ќе присуствуваат над 10 здруженија на одгледувачи на овци и околу 15 винарии, од кои до денес присуството го потврдиле само 5. Фејзулаху упати критика на адреса на винарските визби во Македонија за нивното однесување, кое според него е неодговорно. Ова случување подлежи на сериозна организација и сите компании кои се поканети треба да го потврдат своето присуство најмалку седум дена за ние да им ги обезбедиме сите потребни услови за соодветна и достојна презентација на нивните производи, реагира Фејзулаху.
|
|
49-ти Струшки вечери на поезијата |
|
Четврток, 19 Август 2010 14:38 |
|
Најстариот и најголем поетски фестивал во Светот- струшките вечери на поезијата денеска по 49 -ти пат со повеќе од стотина поети од пет континенти ја почнува прславата на стиховната уметност во Струга.
За годинава исто како и доега остануваат главните манифестаии на СВП како што се Вечер на националната поезија, претставување на творештото на лауреатот , полноќнните поетски читања "Ноќи без интерпратација", поетски собири покрај езерото, традиционалниот научен симпозиум, како и неформалниот пикник кај Св. Наум.. "Годинава фокусот ќе биде на засилена промоција на СВП како фестивал кој половина век го обединува поетското творештво од петте континенти на планетава", истакна претседателот на управниот идбор на фестивалот, Славе Ѓорго Димовски Годинава добитник на престижната награда "Златен Венец" на Струшките Вечери е Љубомир Левчев од Бугарија. " Оваа награда ја чекав десет години односно онолку пати колку што сум номиниран за неа, секако дека таа ме радува и м прави среќен" рече добитникот Левчев. "Тоа не знам не размислував дека ќе ја добијам, Не ја очекував затоа ми е подрага. 10 години да ја чекаш тоа е тешка работа. Но 10 години гледав како се развиваат Струшките вечери Тие се можеби еден од најголемите поертски фестивали во светот. Ете како една мала земја може да направи нешто што е светско во културата. Златниот венец во Струга, дозволете да кажам е најголемата награда за поезија која што јас ја познавам"
Бугарскиот поет ќе се закити со "Златниот Венец" на традиционалната манифестација "Мостови" на 23 август со што официјално завршува овогодинешното фстивалско издание.
По Струга поетите гости ќе заминат и на поетски читања и во по0веќе наши градови. Традиционално во Скопје, лауреатот Левчев ќ биде прогласен за почесен член на Друштвото на писателите на Македонија На овогодинешното фестивалско издание меѓу гостите се и уметниците од Панама, Еквадор,Хаити, Куба, Индија, Нигерија, Мароко, Јапонија , Чиле и Австралија.
|
|
Министерот Коњаноски во посета на семејствата на загинатите бранители |
|
Четврток, 19 Август 2010 13:47 |
|
Министерот за одбрана Зоран Коњановски во посета на семејствата на загинатите бранители, кои летуваат во автокампот Св Наум од Охрид. Никогаш нема да им се оддолжиме на семејствата, со ништо не можеме да им ја надоместиме нивната загуба, но се обидуваме максимално да одговориме на нивните барања -рече Коњановски. - Само ден после 18-от роденден на македонската армија, дојдов тука во Охрид да поминам еден ден со луѓето кои премногу не задолжија, нивните најмили го загубија животот како припадници на АРМ. Вчера навистина проработија емоциите бевме среќни, заради самиот роденден , денес тие емоции се измешани и затоа сакав еден ден да поминам со семејствата на загинатите, додаде Коњановски.
Претседателот на Здржението на загинатите бранители, херои на Македонија 2001, Владо Стојановски е задоволен од досегашната соработка со министерството за одбрана. - Јас можам да кажам дека 98% од барањата на семејствата на загинатите се удоволени, единствено некои пропусти ги има кај одредени баратели, кои навремено не поднеле барање па до проблем дошло поради некои административни пропусти, појаснува Стојановски.
Министерот за одбрана уште еднаш потсети дека и во услови на економска криза АРМ целосно ќе ја реализира предвидената програма годинава.
|
|
Пронајдени афионови стебла во Вевчани |
|
Четврток, 19 Август 2010 12:49 |
|
По претходно добиени оперативни сознанија, во текот на вчерашниот ден, СВР Охрид пронајде и одзеде значителна количина садници на афионови стебла како и помала количина опојна дрога хероин и екстази.
Полициската станица од Струга, во содејство со подрачната единица на Државниот инспекторат за Земјоделие во Вевчани, во бавча обработувана од Р.Ш. родена 1958 година, пронајде вкупно 291 насади односно садници на Афионови стебла во висина до 110 сантиметри. Одземените афионови садници, за чие одгледување е потребна посебна дозвола која Р.Ш. не ја поседувала, се предадени за натамошна постапка на претставниците на Државниот инспекторат за земјоделие.
По извршен претрес во Охрид во соба што привремено ја користел Н.К. роден 1993 година од Скопје, СВР Охрид, пронајде алуминиумска фолија со шест паковки со околу 3 грама опојна дрога Хероин и 10 екстази со натпис „Мицубиши„ сокриени во ташна за Лап-топ компјутер. Пронајдени се уште една алуминиумска фолија со траги од Хероин како и еден празен оквир за Пиштол калибар 7,65 мм.
Предметите се одземени и испратени на натамошно вештачење и анализа во МВР на РМ. По целосното расветлување на овие случаи, СВР Охрид ке поднесе содветни пријави.
|
|
Охрид по 4-ти пат домаќин на "Охридско сонце" |
|
Четврток, 19 Август 2010 11:47 |
|
Со дефиле на 100-тина уметници од неколку фолклорни ансамбли на градскиот плоштад во сабота вечер свечено ќе биде отворен Меѓународниот фолклорен фестивал "Охридско Сонце" што годинава се одржува по четврти пат.
"На фестивалот ќе учествуваат претставници од Литванија, Словачка, Бугарија , Србија, Црна Гора и Хрватска. Нашава земја на фестивалот ќе ја претставуваат ансамблите : "Македонка" од Охрид "Плетенка "од Битола , и "Кочо Рацин"од Скопје. Традиционално фестивалот има ревијален и забавен карактер", вели Коста Лотески член на ансамблот за народни песни и ора "Македонка" од Охрид. Во рамки на фестивалот ќе се одржува Ликовна Колонија на која ќе учествуваат 10-ина врвни сликари од Европа.
"Уметниците ќе творат на неколку локации во Охрид а нивните дела ќе останат во фондот на ансамблот"- истакна академскиот сликар Славко Упевче, додавајќи дека овогодинешната е втора по ред колонија од таков тип.
Меѓународниот фолклорен фестивал завршува на 31 -ви август. Организатор на манифестацијата е ансамблот за Народни песни и ора "Македонка" од Охрид во соработка со Локалната самоуправа.
|
|
Предлог за востановување награда за новинарство "Никола Манески" |
|
Четврток, 19 Август 2010 10:25 |
Длабоко почитувајки ја четири децениската работа на прерано починатиот новинар Никола Манески, неговата блескава професионалност и врвна колегијалност како и неговата неуморна борба за достоинство на професијата Новинар, Портпатолот на СВР Охрид Стефан Димоски до Градоначалникот Александар Петрски и охридските новинари и редакции достави предлог-идеја за востановување на Општинска награда за новинарство "Никола Манески" .
Во објаснувањето стои: Оваа награда, би претставувала признание на сите овие вредности, симбол на препознатливост на Новинарите и медиумската заедница од Охрид во извршувањето на професијата, стремеж кон врвно, објективно и непристрасно информирање и доследно почитување на Новинарскиот кодекс. Наградата за Новинарство "Никола Маневски" би претставувала признание за најдобар емитуван односно објавен новинарски текст, животна приказна како и признание за поставени високи стандарди во истражувачкото новинарство и во извршувањето на професијата Новинар во целина.
|
|
Двајца мртви во сообраќајка во Охрид |
|
Среда, 18 Август 2010 08:12 |
Во тешка сообраќајна незгода, која се случи вчера во Охрид животот го загубија две лица , а еден е тешко повреден. Ударот со мотор на кој се превезуваа тројцата другари беше фатален за дваесетишестгодишниот Горан Спасов, кој почина на лице место. Триесетиосумгодишниот Мики, му подлегна на повредите четири часа после незгодата на хируршкото оделение при Општата болница во Охрид.
Според исказот на дежурниот доктор пациентот бил во кома со длабоки крварења и политраума. Единствениот преживеан Наум Рупев, помина со тешки телесни повреди и сеуште е хоспитализиран во Болницата за ортопедија и труматологија Св Еразмо. Според првичните информации и тројцата, се возеле на еден мотор, кој околу 19 часот приклучувајќи се од улицата Абас Емин кон ул. Железничка удрил во камион. Товарното возило било сопственост на Хани Шпекин, познат изведувач на градежни работи во Охрид и сопственик на фирмата А-ТРАНС од село Велешта - струшко, кој превезувал градежни материјали. Возачот кој управувал со камионот поминал без поголеми повреди. Според информациите до кој дојде Радио Охрид медицинските анализи покажале дека Наум Рупев бил во алкохолизирана состојба. Екипи на СВР Охрид, Истражен судија и Јавен обвинител извршија увид на лице место со цел расветлување на околностите под кои се случи немилиот настан, а товарното возило ќе биде одземено за понатамошно вештачење. Увидот и вештачењето треба да покажат зошто вчерашното возење на мотор беше последно за двајцата охриѓани. |
|
|