|
Продолжение на 21-та седница на Советот |
|
Петок, 03 Септември 2010 13:50 |
|
На 21-та седница на советот на Охрид која се одржа денес, по иницијатива на советникот Томислав Тунтев, советниците дискутираа за известувањето на министерот за транспорт и врски, во врска со заклучокот на општинскиот совет од 19 јули годинава.
Станува збор за апел кој ние го испративме до ресорното министерство за што поскоро решавање на проблемот со бродарите. Претседателот на здружението, Горан Устијаноски пластично ни го изложи проблемот, дискутиравме за недостатоците и се надевавме дека во известувањето ќе се прифати нашата заложба да се најде бај пас и да се реши проблемот. Меѓутоа, летото измина, а проблемите останаа нерешени, истакна Тунтев.
Според Тунтев, техничката контрола на пловните објекти можеа да ја извршат регистрирани фирми од регионот, што е многу поисплатливо и пологично, вели тој. Тунтев понатаму истакнува дека законот за внатрешна пловидба во овие услови е неприменлив. По начинот на кој што се решаваат проблемите се добива впечаток дека надлежните не сакаат да се изнајде решение на ова горливо прашање, кое е од клучно егзистенцијално значење за припадниците на бродарскиот еснаф во Охрид, заклучува понатаму тој . Тунтев, вината не ја лоцира во локалната самоуправа и во советот, туку во Министерството за транспорт и врски.
Советникот Тунтев побара преку пратениците од Охрид во македонското собрание или преку советниците да се поднесе иницијатива за измена и дополнување на законот за внатрешна пловидба, со која што ингеренциите во однос на регулирање на сообраќајот во крајбрежниот дел на езерото ќе преминат во рацете на локалната самоуправа. За советничката од редовите на ВМРО ДПМНЕ, Јованка Дамоска, во известувањето од Министерството за транспорт и врски нема ништо спорно.
Советникот Јоне Станкоски истакна дека речиси двомесечната блокада на водниот сообраќај му нанесе огромни штети на охридското туристичко стопанство и беше голем удар за жителите.
Градоначалникот Петрески од градската говорница уште еднаш упати обвинувања на адреса на актуелната централна власт за опструкција н економскиот и туристички развој на градот. Владините министри, наместо својот одмор да го поминат на охридското езеро, заминаа на плажите на Егејско и Јадранско море. Тоа е се со цел да се блокира Охрид, остро обвини Петрески
|
|
Баукот Биро Веритас конечно разрешен |
|
Петок, 03 Септември 2010 12:26 |
Бродот "Галеб", гордоста на охридската флота денеска заплови во водите на Охридското езеро. Засега тој е единствениот пловен објект во земјава, кој поседува сертификат од француската компанија Биро Веритас.
Пловило кое ги исполнува условите според директивата на Европската Унија. Експерти од Машинскиот факултет со специјална опрема извршија ултразвучно испитување на сите површини, а беше проверена и водонепропустливоста на пловилото. Бродот потврди беспрекорна исправност. После приложената документација и извршениот технички преглед, од француското биро, "Галеб" доби дозвола, која гарантира безбедна внатрешна пловидба.  - Местото на бродовите е во езерото, после сите контроли се изврши преглед од страна на Биро Веритас, тоа беше одлука на сопствениците на бродот , бидејќи тие се оние кои ги плаќаат парите. Јас лично останувам на ставот дека законот кој го имаме е најлоша можна варијанта за решавање на нашите проблеми, вели Горан Устијаноски, капетан на бродот Галеб, а воедно и претседател на Здружението на бродари. Бродот заплови полн со гости и сватови на чело со младоженецот и невестата, кои свадбата ќе ја почнат среде езеро, а ќе ја завршат во некој од угостителските објекти во манастирот Св Наум Охридски. Екипажот на бродот и покрај пропуштеното лето, очекува полни раце работа во есенскиот период. - Се надеваме дека времето ќе послужи, септември имаме семинари, октомври исто така. Макар што временските прилики не ни претставуваат никаков проблем, сме пловеле и во многу полошо време, ние сме затворен и стабилен брод, додава Устијаноски. Бродовите "Александрија", "Македонија" и "Кристина" и натаму остануваат закотвени на охридското пристаниште. Нивните капетани за Радио Охрид велат дека нема да поднесат барање за сертификат од Биро Веритас, тие ќе се залагаат за измени во Законот за внатрешна пловидба. |
|
Исчезнуваат лебедите од Охридското езеро |
|
Четврток, 02 Септември 2010 11:52 |
|
Од некогашните 130, сега нивниот број е сведен на само 30 единки.
На белиот украс во езерските води му се заканува потполно изумирање - предупредуваат и експертите. Според нив причини за ваквата загрижувачка состојба се климатските фактори и човековата негрижа. Првенствено безмилосното сечење на трската, при што природниот дом на лебедите, се претвора во плажи и угостителски објекти.
- Оваа година имаме намален број на гнездови парови, односно имаме само два успешни гнездови парови. Едниот пар може да се сретне во каналот Студенчишта, ова семејство успеа да испили пет млади и уште еден гнездов пар во локалитетот Подмолје со три млади, велат од Лимнолошкото друштво.
Општина Охрид во соработка со Лимнолошкото друштво ќе спроведе проект за Заштита на белите птици. Со маркирање и проучување на нивниот дневно - ноќен ритам ќе се следи дали лебедите ќе останат во Охридското езеро или ќе прелетаат во некој друг акваториум, кој ќе им понуди подобри услови за живот. - За наша среќа тоа ќе може да се следи бидејќи имаме дирекни контакти со асоцијации и здруженија за проучување на птици на Балканот . Со колегите и сега сме во контакт, тие ќе бидат информирани за поставувањето на прстените и во иднина ќе имаме можност да знаеме каде ќе одат лебедите, вели Душица Илиќ Боева од Лимнолошкото друштво.
Честопати лебедите се плен на несовесните граѓани, кои со јадици ги ловат прекрасните питоми птици и ги крадат нивните оплодени јајца- информираат од Хидробиолошкиот институт Охрид. Заради подигнување на јавната свест за зачувување на малкуте лебедови гнезда, кои останаа во Охридското езеро. ќе се делат флаери а ќе се постават и информативни билборди. Инаку, приказната за романтичните птици ја потврдуваат и стручните анализи, еден лебед доколку го изгуби својот партнер останува сам и тагува до крајот на својот живот.
Фото: Томислав Кипријанов
|
|
Едукативна програма за развивање на способностите на децата |
|
Четврток, 02 Септември 2010 11:48 |
|
Во рамките на своите активности за едукација на младата популација, Црвен крст Охрид во соработка со Суперкиди од Дубаи, Обединети Арапски Емирати и Brainobrain детската академија од Ченаи, Индија, ќе започне со реализација на едукативна програма во која деца на возраст од 5-14 години ќе можат да ги стекнуваат, развиваат и се потврдуваат во своите способности: фотографска меморија, концентрација, способност за слушање и учење, креативност и имагинација, самодоверба, визуелизација, решавање на проблеми и др.
На 3, 4 и 5 септември со почеток во 18 часот во просториите на Црвен Крст Охрид тимот на Суперкиди Охрид ќе врши презентации на оваа необична и исклучително ефикасна програма,
|
|
Ќе се рушат градбите кои се опасни за околината |
|
Четврток, 02 Септември 2010 11:24 |
|
Есенва, Локалната Самоуправа од Охрид ќе ги урива не само дивоградбите, туку и сите руинирани стари градби чиј период на постоење надминува 100 години.
Станува збор за објекти кои немаат никакво културно историско или археолошко значење, а со својата старост се опасни за минувачите и се прибежиште на деликвенти односно корисници на наркотични средства. Рушењето на старите градби започнува од населбата Горна Влашка мала. Таму деновиве ќе се уриваат две стари куќи кои се наоѓаа во близина на стариот чинар. "Овој зафат го правиме во согласност со сопствениците кои и понатака си остануваат надлежни на просторот. Тоа се куќи во кои не живее никој, а се опасни за околината и лошо изгледаат. Предминатата недела еден од сопствениците беше дојден и се договоривме сами да си го рушат објектот, а што се однесува до другиот објект, ние го известивме сопственикот, кој е во странство, дека во рок од 10 дена ќе започнеме со рушењето, доколку тоа сам не го направи" - истакнува раководителот на Секторот за Урбанизам, Бранко Арнаудов.
Со проектот за рушење на прастарите градби кои немаат никакво значење, Локалната настојува да допринесе во естетскиот изглед и разубавување на Охрид.
|
|
Запознавање на патот од домот до училиштето - проект на СВР Охрид |
|
Четврток, 02 Септември 2010 10:26 |
Паралелно со почетокот на новата школска година, Секторот за внатрешни работи Охрид, отпочна со реализација на сообраќајно-воспитниот проект "Запознавање на патот од домот до училиштето".
Проектот го спроведува Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај а ке се реализира со користење на „мобилниот полигон„ но и со повеќе планирани едукативни предавања за децата односно учениците како најмлади учесници во сообраќајот. Проектот "Запознавање на патот од домот до училиштето" има превентивен карактер за што веке се подготвени типизирани предавања од областа на базичното сообраќајно воспитување за најмладите. Предвидено е делење на флаери и друг пропагандно-едукативни материјали од областа на сообраќајот но и секојдневно превентивно присуство на полициски службеници пред Основните училишта и градинките.
Реализацијата на овој превентивен проект ке значи квалитетна едукација на најмладите учесници во сообраќајот, укажување на неоходноста од почитување на сообракајните правила и прописи но и обид за подигнување на степенот на безбедносната култура кај децата и останатите учесници во сообракајот. |
|
Забрана за капење на домашните миленици на охридските плажи |
|
Среда, 01 Септември 2010 12:46 |
|
Забрана за капење на домашните миленици на охридските плажи - предлагаат и охриѓани и туристите. Кучињата се причина за ширење на заразни и паразитарни болести, алергиски и асматични напади, нивното капење во близина на луѓето е штетно, предупредуваат и лекарите. Пливањето на исти капалишта е опасно, бидејќи може да се пренесат и разни видови инсекти, кои природно живеат на влакната и кожата на животните.
- Куќните љубимци си имаат посебна процедура за капење. И во домашни услови тие треба да се капат одвоено, бидејќи животните се пренесувачи на многу заболување и инфективни и паразитарни. Мешањето на начинот на живеење на човекот со животните е многу контролирана и специфична работа и треба многу внимателно, вели Атанаско Михаилов раководител на Центарот за јавно здравје. Будноста на ветеринарите, епидемиолозите и инфектолозите треба да се зголеми и поради појавата на беснило во соседството - апелираат експертите. Посебно треба да се внимава, бидејќи најосетливи на кучињата се најмладите предупредуваат педијатрите. - Прво од естетски аспект, кога вие се сончате и ви дојде некое куче и ви се истреси, што е за него природна физиологија, е многу непријатно чуство. Понатака тие можат да пренесат разни болести кои ние често ги среќаваме, а да не речам дека доаѓа и до агресивни испади, кои исто така ги среќаваме, а кои се поголема траума за едно дете од било што друго, појаснува д- р Никола Филев педијатар од Охрид.
Ова е голем проблем, кој влијае врз туристичкиот углед на градот, затоа експертите предлагаат на влезот на плажите да се постават информативни табли кои ќе посочуваат 'Забрана за капење на животни ", а сите оние кои нема да ја почитуваат забраната да бидат санкционирани.
|
|
Ревија филмски хитови пред охридската публика |
|
Среда, 01 Септември 2010 12:36 |
Центарот за Култура од Охрид и понатаму продолжува со претставување на големите филмски хитови пред охридската публика. Директорката Драгана Боцеска најави богата филмска есен. На репертоарот овој месец ќе бидат застапени најголемите светски филмски хитови во моментов, меѓу кои Сексот и градот 2, Робин Худ, Принцот од Персија.
Веднаш по ревијата американски филмови, ќе следи претставување на најновите филмски остварувања од руската и европската кинематографија. Влезот за неделата на руски филмови која започнува на 19-ти септември е бесплатен, а за следење на филмските наслови од европската продукција, љубителите на седмата уметност ќе треба да одвојат 50 денари. Проекцијата на филмовите ќе биде на ново филмско платно, кое е донација на Министерството за култура. |
|
316 првачиња седнаа во училишните клупи |
|
Среда, 01 Септември 2010 12:32 |
|
Со првиот звук на училишното ѕвонче, денес во основните училишта во Охрид своето образование во учебната 2010/2011 година го започнаа вкупно 316 првачиња. Наставниците и раководните лица се задоволни од тоа како започна првиот училишен ден. Тие на првоодделенците им посакаа добредојде во училишните простории преку свечени приредби подготвени од новните постари соученици. Според Мери Димзовска, наставничка во петто деветгодишното образование, во О.У "Григор Прличев" запишани се околу 130 првачиња. Ним денес им беа доделени и беџови по кои тие ќе бидат препознатливи како ученици во ова училиште. Свечена приредба за 40-те првачиња беше подготвена и во О.У "Свети Климент Охридски". Директорката Славица Илиќ напомена дека е задоволителен фактот што оваа година значително е зголемен бројот на деца во прво одделение.
Основното училиште "Христо Узунов", своите врати ги отвори за 24 нови ученици. Директорката Оливија Пирузева Јанева во краткиот телеефонски разговор за Радио Охрид, потенцира дека има проблем со учебниците од различни автори кои пристигнале во училиштето, а не биле порачани од тие автори, но морало да се прифатат како наставен материјал според одредбите на Министерството за образование. Во О.У "Братство Единство" наставата на македонски јазик ќе ја следат 74 ученици во прво одделение. Во училишните клупи во паралелките по албански јазик ќе седнат 28 првоодделенци, а на турски мајчин јазик своето образование ќе го стекнат вкупно 20 ученици, рече Стојна Танос, психолог во училиштето.
Инаку и оваа учебна година започна со проблеми. Во текот на вчерашниот ден стартуваше ревизијата на спорниот учебник за петто одделение по предметот Општество. Не се знае точно кога овој и сите други одообрени материјали за ревизија ќе им бидат доставени на учениците. Во Македонија денес наставата повторно ќе започне и за околу 306.000 основци и нешто повеќе од 94.000 средношколци. Бројот на учениците запишани во некои од средношколските центри сеуште не е заокружен бидејќи уписните рокови за средно образование сеуште траат. За родителите кои нема да ги запишат своите деца во средно образование, согласно законските критериуми, ќе следуваат и парични казни во висина од 1.000 евра. И во учебната 2010/2011 година учениците ќе добијат бесплатни учебници. Како што вчера изјави министерот за образование Никола Тодоров, досега се отпечатени и дистрибуирани околу 80 учебници за средното стручно образование и оти се очекува најдоцна до крајот на септември да бидат готови сите 300 планирани учебници. Годинава ќе се применува старото решение учениците од немнозинските етнички заедници да почнат со изучување на македонскиот јазик од четврто, наместо од прво оделение како што беше предвидено со решението на министерот за образование и наука кое Уставниот суд го укина.
За учениците од основно и средно образование и во новата учебна година е обезбеден бесплатен превоз.
|
|
ОК на ВМРО-ДПМНЕ со контрареакција на пресот на СДСМ |
|
Вторник, 31 Август 2010 13:30 |
|
Со експресна рекација на пресот на СДСМ се јавија и од општинскиот комитет на ВМРО - ДПМНЕ од Охрид.
- Згрозени сме од прес конференцијата која што ја одржа Социјалдемократскиот сојуз од Охрид и од начинот на кој што тие ги презентираат работите. Очигледно СДСМ на локално ниво ужива само кога се случуваат трагедии без притоа да не преземат никаква одговорност. Постојано да се измислуваат лаги и невистини и да се напаѓаат институциите е многу лошо. Охрид со месеци доживува урбана, туристичка и култирна деградација. Оние кои што се најмногу одговорни излегуваат и ги критикуваат другите, обвинува претседателот на ОК на ВМРО ДПМНЕ, Атанаско Михаилов.
Михаилов истакна дека Владата постојано инвестира во Охрид во култура, во инфраструктура и во капитални објекти. Тој истакна дека нарушената безбедносна ситуација во најголемиот туристички центар и природен бисер на Македонија е заедничка одговорност и на локалната самоуправа и на централната власт.
Претседателот на општинскиот комитет на владејачката партија нагласи дека ВМРО ДПМНЕ ќе продолжи да работи за интересите на Охриѓани и за доброто на градот Охрид.
|
|
|