Најнови вести
Судот прифати нови сведоци за убиството на Новаковиќ
Зголемен интересот за огревно дрво во Охрид
Андон Дуков, Градиште и Љубаништа заработија пријави
Ќе се одржи јубилејниот Атлетски маратон
Запленети 8 кг марихуана во Охрид
Македонија и Европа се соочуваат со енергетска зависност
Подигнување на старосната граница за курсеви за подофицери
Слушајте во: 10:00, 11:55, 14:30 и 16:30 ч.
Берза
| Марков манастир |
| Среда, 17 Февруари 2010 11:45 |
На дваесетина километри од скопска џунгла на асфалтот, вгнезден во питома природа, Марков манастир опстојува во својата достоинственост на средновековен благородник.Не многу далеку од бучната цивилизација, Марков манастир се чини како да е на дофат на раката, но, сепак, скриен од погледите. Додека се дојде до него, во последниот километар и пол на патот кон селото Маркова Сушица, не може да минат незабележано повеќе ексклузивни модерни вили со базени, дури и еден викенд-ресорт со базен и мини-голф игралиште... но, кога ќе се пристигне до Марков манастир, всушност, манастирот на црквата посветена на свети Димитрија, во смирувачката тишина во која се влева само жуборот на Маркова Река, веднаш ве обзема чувство како да влегувате во стара приказна, во која времето, сепак, не запрело.Легенди за Марковиот манастир Постои една помалку позната приказна од средината на деветнаесеттиот век врзана за Марковиот манастир, за кои едни сметаат дека е вистинита, а други дека е легенда. Имено, со Скопје во тоа време управувал познатиот Авзи-паша кој бил голем пријател со скопскиот првенец Аџи Трајко, кој истовремено бил негов хазнадар. Тоа е оној истиот Аџи Трајко кој е посебно заслужен за подигањето на соборната црква Рождество на Пресвета Богородица во 1835 г., која веќе е возобновена. Се смета дека потеклото на Аџи Трајко е токму од селото Сушица, од каде неговото семејство се преселило во Скопје. Еден летен ден, Авзи-паша и Аџи Трајко прошетале до Марковиот манастир. Кога Авзи-паша видел дека тремот и целата црква е покриена со олово, наредил да се урне и да се извади оловото и тоа да се замени со ќерамиди. Не сакал ниту да слушне за молбите покривот и тремот да не се уриваат и црквата да остане таква каква што е. Но, враќајќи се кон градот, Авзи-паша прилегнал во убавата природа за да се одмори. Тогаш, сонил страшен сон во кој му се појавил еден воин. Возбуден, пашата се разбудил барајќи го воинот околу себе. Аџи Трајко го одвел пашата повторно пред црквата и му го покажал воинот над влезната врата што тој го сонил - тоа бил свети Димитрија со копјето. Пашата се одоброволил и наредил да не се урива ниту еден дел од црквата, туку да се поправи тремот и некои други делови, онака како што посакувал народот. ![]() Уште на влезот се констатира дека објектите на Марков манастир се обновени и реконструиран, според современи градежни стандарди, а елегантно уреденото зеленило во дворот ја нагласува смиреноста и достоинственоста на амбиентот. Марков манастир потсетува на дворците со кои се гордеат во Западна Европа. Всушност, одамна странците констатирале дека манастирите се наши македонски замоци. Дискретната љубезност на монахињите, сепак, укажува дека сте на место исполнето со духовност, но кое не ја игнорира модерната световност. И покрај видливата надворешна убавина на манастирот, во неговата вистинска историска приказна се крие магијата. Марков манастир, всушност, еден од највидливите докази за постоењето на најопеаниот митски јунак на македонскиот фолклор, па и на балканскиот - Крале Марко. На надворешната јужна страна од црквата вештите во читањето на старословенското писмо можат да го прочитаат првиот дел од текстот на свитокот што го држи Марко, (живописан над јужната влезна врата на црквата, заедно со татка си Волкашин): „Јас, во Христа Бога благоверен крал Марко, го соѕидав и живописав овој божествен храм“... ![]() Параклисот на Светиот апостол Марко Крале Марко, всушност, е вториот ктитор (градител) на манастирот, кој го почнал неговиот татко кралот Волкашин во 1345 година. Бидејќи во 1371 година Волкашин загинал на битката кај реката Марица, по која Османлиите навлегуваат во длабочината на Балканот, неговиот син Марко продолжува да владее во неговото мало кралство како османлиски вазал. Така и загинал, во 1395 година, во денешна Романија, борејќи се во османлиската војска, против молдавските кнезови. Сепак, кралот Марко го завршува завештанието на својот татко, доградувајќи ја црквата за светиот великомаченик Димитрија во 1376/1377 година. Живописот и натписите во црквата (кои не смеат да се фотографираат без одобрение), се богат материјал за проучување до ден денешен и на историчарите на уметноста, но и на филолозите-слависти. Утврдено е дека фреските се живописани во различен период од различни тајфи - охридска и скопска. По смртта на Крале Марко Македонија целосно потпаѓа под османлиска власт, но во Марков манастир низ вековите продолжува духовната активност, со која покрај духовниот, верскиот се зачувува и националниот идентитет. Во 15 век манастирот е еден од најпознатите скрипториуми, каде што монасите препишувале црковни книги. Во првата половина на 19 век игумен на Марков манастир е еден од најзначајните преродбеници - Кирил Пејчиновиќ, кој покрај тоа што во манастирот отворил училиште и создал богата библиотека, тука ја напишал и својата книга „Огледало“, отпечатена во 1816 година во Будим, со која почнува и македонската преродба. ![]() Колку подлабоко се навлегува во (пре)откривањето на тајните на манастирот, толку се засилува чувството дека сте влегле во една важна приказна, иако на прв поглед питомоста на амбиентот не наведува на такво нешто. Денес, во манастирот, во обновените конаци има и мал музеј, како и продавница за сувенири. Бунарот, старата манастирска воденица, трпезаријата, каде што има остатоци од фрески... сведочат за врската на манастирот со световниот живот некогаш, а денес се симпатични потсетници на некогашниот живот. Еден ден во Марков манастир, во есенските денови пред нас, сигурно позитивно ја менува перцепцијата на стресното живеење. |




















На дваесетина километри од скопска џунгла на асфалтот, вгнезден во питома природа, Марков манастир опстојува во својата достоинственост на средновековен благородник.Не многу далеку од бучната цивилизација, Марков манастир се чини како да е на дофат на раката, но, сепак, скриен од погледите. Додека се дојде до него, во последниот километар и пол на патот кон селото Маркова Сушица, не може да минат незабележано повеќе ексклузивни модерни вили со базени, дури и еден викенд-ресорт со базен и мини-голф игралиште... но, кога ќе се пристигне до Марков манастир, всушност, манастирот на црквата посветена на свети Димитрија, во смирувачката тишина во која се влева само жуборот на Маркова Река, веднаш ве обзема чувство како да влегувате во стара приказна, во која времето, сепак, не запрело.

