|
Вевчани е општина во регионот на Дримкол во југозападниот дел на Македонија и е седиште на истоимената општина. Името на Вевчани потекнува од зборот вес, кој значи село. Така жителите на тоа село се селчани, а на Вес - весчани. Вака по пишуваното правило врзано за промените на зборовите во литературниот јазик, конечно се извела именката Вевчани.
Вевчани се наоѓа во југозападниот дел на Македонија на падините на планината Јабланица на надморска височина од 800 м. Атарот на селото Вевчани се наоѓа северозападно од Охридското Езеро. Се протега во насока исток - запад, од подножјето, преку ридестиот терен, се до сртот на планината Јабланица. Се граничи со општините Струга, Велешта, и Лабуништа, а во потесен дел ја допира државната гранична линија со Албанија. До Вевчани води асфалтиран пат кој од Струга минува низ селата Враништа и Велешта за да стигне до него. Траги од населбата постојат од III век пред Христа. Неговата прва локација не била денешно Вевчани, туку тоа се наоѓало нешто подолу од подножјето на планината Јабланица, на местото што денеска се вика Селиште. Можно е и да дошло до некакво спојување на античко македноска населба која се наоѓала во областа Вајтос која се наоѓа непосредно над селото, со споменатата населба Селиште, така формирајќи го селото на денешната локација (меѓу Вајтос и Селиште). Првите легенди и писанија за Вевчани велат дека е стара населба, а нејзините почетоци датираат од крајот на VI, односно почетокот на VII век, кога племето Берзити (Брсјаци) го преплавиле Струшкиот крај и ја населиле локацијата на денешно Вевчани, југоисточно од планината Јабланица. Тука повторно има мала неконзистентност, затоа што денес Вевчани е денес претежно мијачка населба.
За тоа од кога се среќава населбата Вевчани запишана во документите, низ вековите има повеќе изворни документи. Еден од нив е Калимановата грамота, како досега најстар истражен документ. Во него се говори дека Вевчани како селска населба е евидентно од крајот на IX век и тоа како мошне развиена, економски јака и обврзана да дава данок во натура на бугарскиот кнез Борис I, а по него и на царот Симеон Велики.
Во близината на Вевчани се наоѓаат едни од најпознатите и најпосетени извори во Македонија, Вевчанските извори. За вевчанци , изворите се нешто за што вреди да се гине. За луѓето што не се од Вевчани, а некогаш дошле да ги видат, нивната убавина е магнет кој долго ќе ги повикува назад, да се напијат од бистрата вода, да се изнадишат свеж воздух и да се најдат себеси во бучавата на студената вода. Вевчанските извори се едни од поретките псеудопериодски сифонски врела во Република Македонија. Изворите се лоцирани на источните падини на планината Јабланица, кај селото Вевчани, на надморска височина од 900 метри. Главниот извор е сместен во отворот на пештера. На десетина метри подолу, се наоѓаат неколку постојани извори кои подземно комуницираат со главниот извор. Капацитетот на Вевчанските Извори во влажниот период од годината изнесува околу 1500 литри во секунда

Вевчански карневал
Еден од најпознатите настани во Вевчани е Вевчанскиот карневал. Се смета дека таа манифестација е стара повеќе од 1.400 години и е интересен спој меѓу паганското и современото. Вевчанскиот карневал во суштина е обичај под маска, кој се нарекува „Свети Васиља" (Василица). Се празнува на 13 и 14 јануари секоја година и е посветен на Св. Василиј Велики. На тој ден се дочекува новата православна година, а се испраќа старата. Инаку, тој е пагански обичај кој тука се сочувал сè до денешни дни. Учесниците во него се нарекуваат василичари. Тоа се маскирани поединци и групи од сите возрасти организирани по маала. На вевчанскиот карневал се збираат жители и од околните села како публика. Два дена ечи селото од зурлите, тапаните, песните и игрите, шегите и довикувањата. Три месеци пред тоа печалбарите пак живеат за Васиилица. Се приготвуваат, измислуваат или прават маски, се договараат со што да ги изненадат другите василичари - како што ги викаат маскираните во карневалот. Тој е и чудна парада на духот на овие луѓе, инвентивноста, манифестацијата на веселоста иако градите им се полнеле со офкање од разделбите катагодишни. На вечерта спроти Василица, штом се спушти ноќта, горномалската и долномалската тајфа василичари тргнува во обиколка на куќите. Пред секоја оро, пред секоја грст мрсни шеги за домаќинот и домашните, песни, и ,, Сурва година, со женцки јагниња, машки дечиња, женски телиња...... Ураааааа!!! ,,. Големите желби за плодна и среќна година и донесената веселба домаќините ги наградуваат со парче леб, неготвено месо и згора на тоа пари.
На вевчанскиот карневал познат е обичајот „Крштевање вода во извор" во водите на познатите вевчански извори. Тоа се прави кога негде ќе се расцути муграта под налетот на зората во два или три часот наутро, на 14 јануари, на Василица. Иако рано, учесници се, речиси, целото село, 1.000 до 1.500 вевчанци. Во нив има повеќе жени од мажи, има и стари, но повеќе млади вевчански генерации. Остварувањето на овој обичај е сврзан со предметите ѓум или бакарно котле, а поретко има литургија или погача, домашно месена и печена. Главниот предмет за обичајот „Крштевање вода" е василичарската китка. Неа некои ја прават како крст, но задолжително од три гранчиња: дрен, босилек и василичарка. Секое гранче на китката има посебна цел: дренот е тврдо дрво, рано ја најавува пролетта и раѓа здрав живот и богат бериќет. Босилекот е господово растение со кое се благословува плодност, нов и здрав живот и бериќетно лето. Пак, василичарката е растение со боцки кои го прогонуваат злото и се што е страшно, лошо и неприфатливо за новата година. И за овој обичај главнината на поворката ја чинат горномаалските и долномаалските василичари.
Тие се предводени од зетот и невестата со побратимите и музиката. Во оваа пригода селскиот поп игра главна улога. Попатно на поворката се придружуваат соселани од сите селски маала кои се упатуваат кон изворите. Ова вевчанци, како обичај го викаат „одење на вода". Тука во водите на вевчанските извори се прави чинот на крштевање вода: молитвите на попот, кршењето на лебот и квасењето на василичарската китка, го симболизира крштевањето на водата, а потоа се полнат бакарните садови. По ова зимската атмосфера се облагородува со песни, игри, желби и честитки „За многу години - Сурва година". Потоа следува враќањето дома, каде што продолжува празнувањето на обичајот. Во домот „крстената вода" од бакарниот сад се дели на половина. Целта нејзина е да се употреби за две намени. Првата се однесува на водата што ќе остане во котлето. Имено, домаќинот со садот „крстена вода" тропа на затворената врата на својата куќа, а потоа вратата се отвора и почнува првата церемонија на остварување на обичајот. Тој ја кваси китката и ги прска просториите во куќата - домот, благословувајќи „за убајна, бериќет за женски јагниња и телиња и за полни амбари жито и бочви со вино". Домаќинот и прскањето со „крстена вода" го прави и во просториите каде што се одгледува стоката и живината: пондилата, кокошарниците. И ова се прави за добро и подобро во новото Господово лето. Втората намена на „крстената вода" ја употребува домаќинката на куќата. Таа со неа, рано наутро, на 14 јануари, на Василица ќе меси кашаник со паричка. Значи празнувањето на обичајот продолжува со месење, печење и гостење со кашаникот, тој е вевчански специјалитет за гостите и гостењето на денот на Василица. Тоа е некиснато тесто од пченично брашно со квасец. Кашаникот на гостите што ќе го посетат домаќинот на Василица се послужува со луканци (вевчански домашни колбаси) и со домашно биено сирење и кисело млеко. Преданието вели: „Кој ќе кеснит од кашаникот и тој што ќе ја најт паричката, ќе имат убајна, ајр, ем бериќет до година на Василица - Сурва година". Дента на Нова година арена на игрите и песните продолжува среде селото, каде и завршува прекрасниот празник. Од 1993 година карневалот е член на Здружението на европските карневалски градови.
Лазарско-ѓурѓовденски песни и игри Првата промоција на овој настан се одржала на 18 мај 2003 година на локалитетот Вевчански извори. Бидејќи од крајот на педесеттите години обичаите, песните и ората поврзани со овие два празника изумираат, дошло до идеја таа традиција да продолжи. Иницијатор бил КУД „Дримкол" - Вевчани како главна културна институција во Вевчани. Во традицијата на Вевчани едни од најзначајните и најубавите празници биле празниците Лазара и Ѓурѓовден. Тоа се празници кои се прославувале на многу специфичен начин, празници за кои се испеале многу песни, празници каде главни учесници биле младите момчиња и немажените девојки Лазарки. Карактеристично за овие кореографии е старото автентично Вевчанско пеење на песните: пејте лазарки, илинкуле сеструле, шила Ѓурѓа и женското играње на цело стапало специфично за ова играорно подрачје. Музичкиот дел го сочинуваат ората: грутка шеќер, илинкино оро, за рамо, свирени на зурла, гајда, кавал, тамбура и тапан.

|