|
-ИСТОРИЈАТ НА ПАРКОТ
Националниот парк "Маврово„ е основан со закон на Народното собрание на НР Македонија од 19. 04. 1949 година, со кој шумските предели околу Мавровско поле се прогласени за Национален парк. Според овој закон Националниот парк "Маврово„ е формиран "поради особените природни убавини, историското и научното значење на шумите и шумските предели околу Мавровското поле„. Главните задачи на управата на НП Маврово се насочени кон заштита на природниот изглед на пределот, животинскиот и растителниот свет во него, градежните и другите објекти како и кон сите особености на пределот, за да послужат што подобро за исполнување на целите поради кои овој регион е прогласен за Национален парк. Во рамките на првобитните граници површината на паркот изнесуваше 11.750 хектари. Со измените на законот за основање на националниот парк, на 03.07.1952 година дојде до проширување на границите на паркот а со тоа неговата територија се зголеми за 6 пати или на 73.088 хектари. Во новите граници се најдоа 36 населени места од 4 локални предели познати како Мавровска котлина, Горна река, Мала река и Долна река. Паркот се наоѓа во западниот дел од Р. Македонија и спаѓа во територијата на општината Маврово и Ростуше. Се граничи со општините Гостивар, Дебар и Кичево а во одреден дел се граничи со Република Албанија и Република Косово. Сместен во пазувите на Бистра, Шара, Дешат и Крчин планина, паркот претставува природен резерват во кој што можат да се сретнат безброј убавини. Националниот парк Маврово денес претставува најголемо заштитено подрачје во Р.Македонија а неговата заштита ја остварува управата на паркот сместена во Маврово. Подрачјето на паркот ги опфаќа југозападните ограноци на Шар Планина,поголем дел од планината Бистра и сите делови на Кораб и Дешат кои се во границите на Р.Македонија Оддалеченоста од главниот град Скопје изнесува околу 120км. Границите на Националниот парк Маврово гледано од северна страна кон исток , започнуваат од месноста Шерупа кај границата на Македонија со Албанија а од таму продолжува по безимен поток и оди по патот и реката Црн Камен, од каде што по наклон излегува право на котата 1916. Потоа повторно по косина продолжува по патот на тригонометарот на Расангула каде што започнува источната страна во правец на југ. Од тригонометарот источната граница оди по гребенот на билото Венец и по водоразделот на пасиштата Црн Камен, Фидан, Лера и Морава, седлото Димговска црква, на кои места преминува преку неколку коти за повторно да дојде до водоразделот меѓу Врбенска и Орчушка река до кота 1710.
Од оваа кота се слегува по долга правилна коса, на патот Гостивар Маврово, минува кај Влајница и излегува на кота 1310, од која по израмнетиот рид избива на тригонометарот 1329. Од овде продолжува по рамното било на Шундевски рид, па се по линијата на водоразделот излегува на Сандакташ. Оттаму преминува на Мал шар (Малишар), прескокнува една кота па преку гребенот Кула и Чукнитапаница,излегува на месноста Три Гроба и оди се до билото на Бистра, за да избие на котата 1202, каде што започнува границата со јужната страна. Од оваа точка границата од по косина преку Јаворица и месноста наречена Невестин Гроб. Продолжува до билото на Јама, слегува на патот Кичево- Дебар, кон месноста Велајца. Од Велајца оди низ Мала Река до Бошков Мост и продолжува до нејзината утока во Радика. Од Радика се качува на косината Елишица и избива кај караулата Дели Исеница (Луда Исеница) на македонско - албанската граница. Таму завршува јужната и започнува западната граница на паркот. Од ова место границата оди по државната граница на Голем Крчин, па натаму по грницата преку месностите Веливар, Иноска, Плоча, Корапска врата, Кепи бар, Дер Корапи( Голема Корапска Врата)- Кула Зиберит (Ќоселија). Капи Џанит (2122) и од оваа месност избива на Шерупа, каде што и завршува.
ПЛАНИНИ
Подрачјето на НП Маврово се наоѓа во шарпланинската група планини од шаркопадинскиот систем. Според денешните граници, ова подрачје ги зафаќа јужните разграноци на Шар Планина, дел од масивот Кораб и планината Бистра кои граничат со сливот на реката Радика. Мавровското езеро го опкружуваат разграноците на планините Бистра и Шар Планина. Рељефот е особено развиен и располага со 52 врвови високи над 2000 м.н.в, кои се распоредени на сите околни планини. Највисок врв е Голем Кораб чија висина изнесува 2764 м.н.в, и истиот воедно е највисок врв во државава. Врвот Голем Кораб е вистинска туристичка атракција и со последните мерења се смета дека е за неколку метра повисок од врвот Триглав во Р.Словенија кој моментално важи за највисок врв на просторите на екс Југославија .Најниска точка е месноста Бошков мост на вливот на Мала река во Радика со 600 м.н.в. Планината Бистра се карактеризира по тоа што на неа се истакнуваат бројни возвишенија издигнати над највисоката флувијална површина. Бистра има најголем број на врвови повисоки од 2000 м. Највисокиот нејзин врв е Меденица (2163). Сливното подрачје на горниот тек на Радика има изразита планинска рељефна структура каде што се допираат ограноцире на Кораб и Шар Планина. На Кораб највисок врв е Голем Кораб на височина од 2764 м. Во јужниот северниот и источниот правец на Кораб се издигаат повеќе врвови над 2000 м.н.в. како Корапска Врата и др. Еден од најинтересните облици настанати со карстната ерозија се и карстните полиња. На планината Бистра се наоѓаат 14 карстни полиња (Тонивода, Говедарник, бардаш, Султаница, Соломуница, Суво поле, Мал и Голем Брезовец, Чукни Топаница, Долно и Горно Попљце. Три Бари, Три Гроба и Лазарополе)
ХИДРОГРФИЈА Хидрографската мрежа припаѓа на двата слива, Јадранското и Егејското сливно подрачје. Водните ресурси кои се наоѓаат во НП Маврово воглавно ги обележуваат прекрасната река Радика и преубавото Мавровско езеро. Реките во подрачјето на паркот се релативно богати со вода и прават не толку густа речна мрежа. Овде е најкарактеристична реката Радика која протечува само со својот горен тек. Изворната членка на Радика е доста пространа и зафаќа површина од околу 300 км2 дел од водите на членката, преку неа, истекуваат во Јадранскиот слив. Радика е формирана од две помали рекички: Штировица и Црн Камен. Штировица ги собира водите од северната падина на Кораб додека Црн Камен има поголемо сливно подрачје кон кое гравитираат повеќе постојани и повремени водотеци, главно со пороен карактер, кои ги одведуваат водите од највисоките делови на Кораб и Враца. Радика и нејините притоки имаат планински карактер чии должни профили се одликуваат со брзаци и водопади, а исто така и со голем пад. Рачниот режим в одделни реки е нестабилен бидејќи дел од водите протекуваат низ варовити терени и се губат во нив. Мавровскиот хидроенергетски систем опфаќа 13 реки, чии води се воведени во Мавровското езеро. Тука се опфатени реките: Штировица(десна оставка на реката Радика), Бела Река (притока на Штировица), Црн Камен, Аџина Река( Лева оставка на Радика), Бродечка, Кракорница, Богдевска и Врбенска Река, Беличица, Мавровска, Никифоровска и Леуновска река. Водата на Радика, од местото на нејзиното настанување до утоката на Мавровска Река, на составот- е воведена во езерото. Тој дел ги свртува левите притоки на Радика и практично е останат без вода во должина од 10 км. На тој сектор се останати само извесен број помали притоки(потоци и поточиња) кои не се каптирани и помалку го влажнат коритото на Радика. Меѓу реките во долно реканскиот - мијачкиот предел треба да се споменат Говедаречка Река кај Тресонче. Мала Река, Галичка Река, Гарска Река, Белевчица, Мелница, Битушка Река, Видушница и Жеровничка Река. Според теренските проучувања на Д. Василевски на подрачјето на Н. П . Маврово има повеќе езера кои, според нивниот настанок, може да се поделат на природни и вештачки. Меѓу природните езера постојат ерозивни и акумулативни. Во нивното создавање како главен агенс се јавува глацијалната ерозија, а врз основа на режимот на акумулираната вода тие имаат постојан, повремен и периодичен карактер. Во сливот на реката Радика постојат 17 постојани езера расположени на следниве планини: Стогово-3, Дешат- 5, Кораб- 8, Шар Планина- 1. Глацијалните езера се најмногубројни во сливот на реката Радика. Ги нема само на планините Бистра и Крчин. Попозонати езера на територијата на паркот се: Корапско Езеро, Мал кораб, Бачилски Камен, Локув, Турен Камен, Света Недела, Маруша Езеро и многу други. Периодични езера има само во текот на зимскиот период од годината а во другиот дел се суви и безводни. Овие езера се наоѓаат на Кораб, Дешат, Бистра и Шар Планина. Посебна туристичка атракција претставуваат понорниците во карстифицираните делови на сливот на Радика а особено на планината Бистра. Најпознати се Тонивода, Бистрица, Шарен Пејко и Породински поток. Доста атрактивни се брзаците и водопадите кои ги има покрај сите површински водотеци, по целата нивна дожина. Најголемиот постојан водопад се наоѓа во близина на с. Ростуше на околу 20тина минути пешачење низ Дуфскиот кањон. Водопадот Дуф е висок околу 28 метри и е доста атрактивен посебно во пролетниот период кога нивото на водата е најголемо
- Радика и терените за одмор и рекреација
Радика извира на 2200 метри надморска височина .Од изворот до утоката во Дебарско езеро е долга 67 км. На овој пат таа прима четири притоки и тоа: Рибница, Мавровска река, Жировничка Река и Мала Река.Радика има чиста, бистра и студена вода со изглед на темнозелена боја што е последица од калциум карбонатот во неа.Долината на Радика е една од најатрактивните и најживописните кањонски долини. Кањонот е стар неколку милиони години пробивајќи се меѓу планинските страни на Бистра и Стогово на Исток и Кораб и Дешат на запад.Радика е единствена река а во Македонија, која дава вода на два слива Јадрански и Егејски слив. Со канали дел од водите на Радика се носат во Мавровското езеро и го полнат со вода, а од тука со подземни тунели во Вардар Тука е изградена ХЦ "Врбен".Куриозитет на долината на Радика претставува народната оригинална архитектура на селските куќи во Битуше, Јанче, Гари, Лазарополе и др. Околината на Радика изобилува со богат растителен и животински свет. Од дивечот има срни , диви свињи, дивокози, мечки, рисови ,волци ,лисици и др..
Ова езеро претставува вистински бисер во националниот парк и општината. Иако е вештачко, сепак плени со својата убавина посебно кога се гледа од скијачките терени на планината Бистра. Покрај риболовот на езерото се нудат можности за кампување, прошетки и сл. Околу самото езеро поминува добро одржан асфалтен пат кој може да се искористи за обиколка на целиот Мавровски дел од националниот парк, да се погледнат убавите скијачки терени, хотелите, вилите и да се посетат многуте туристички објекти. Една од најимпресивните глетки кои ги нуди езерото е потопената стара црква во Маврово од која во одреден период од годината кога водата на езерото го постигнува највисокото ниво, може да се види само дел од покривот и половина од камбанеријата. Оваа црква била потопена при изградбата на езерото.
-Ледничкото езеро Локув е најниското глацијално езеро во Р.Македонија и според неговата местоположба претставува една вистинска туристичка атракција. Сместено во прегратките на Дешат планина на висина од 1568 м.н.в. е гордост на локалното население кое во негова близина има поставено неколку клупи за одмор, бачило, чешма со природна ладна вода за пиење и сл. До локалитетот се стигнува со пешачење во должина од 8 километри низ планина со обележани планинарски патеки. Има услови за тргнување од две локации и тоа од с. Битуше кај поранешната караула и с. Требиште. Постои можност да се изнајмат и коњи(за лица во поодминти години како и за помлади и жени) а патеката е средно тешка и скоро преку целиот нејзин тек е прекриена со убава шума и ладовини. Патеката изобилува и со видиковци од кои убаво се гледа кањонот на реката Радика,манастирот св Јован Бигорски и други пејсажи. На самиот локалитет може да се ужива во прекрасниот изглед на ова малку познато и уште неоткриено(од страна на туристи) езеро во кое опстануваат неколку интересни форми на живот од кои најпознат е Тритонот. Во близина на езерото е лоцирано и едно бачило во кое може да се проба тазе сирење(познато како Требишко сирење кое сеуште се подготвува во дрвени каци на стар требишки начин) и други млечни производи од ова поднебје. . Интересно е што водата во езерото за време на летниот период е доста топла а оние туристи кои го посетуваат местото имаат можност да уживаат во водите на една ретка планинска плажа. Околу езерото има идеални места за излет, кампување и одмор во планина. Во близина на езерото на околу 30до 40 минути пешачење можат да се посетат и неколкуте планински очи (езерца со чиста бистра вода распослани на падините на планината). Исто така на овие места можат да се соберат голем број на чаеви и други растенија кои можат да се употребат за подготвување на природни лекови а како најпознато растение кое има совршен природен вкус и го има во големи количини е и боровинка ( ја има во повисоките делови од планината). Доколку тргнете од патеката од с. Битуше, може да ја посетите и првата партизанска печатница во центарот на селото.
Дуфските водопади во близина на с. Ростуше до кои од самиот центар на селото се стигнува за 30тина минути. Патеката до водопадите е обележана, уредена, обезбедена со дрвена ограда и истата во неколку наврати е значително стрмна но во поголемиот дел е лесно проодна. До самите водопади се поминува низ Дуфскиот кањон кој е висок и до 100 метри и кој претставува вистинска атракција. Местото е специфично и по пријатната клима а температурата во најжешките летни периоди изнесува од 18 до 20 степени. Низ кањонот тече Ростушка река која е најголема во пролетниот период. Главна атракција и вистински празник за очите е водопадот Дуф според кој самото место го добило името, а се наоѓа на самиот крај на кањонот. Неговата висина изнесува околу 25 м. а во негова близина се поставени неколку клупи за одмор каде што посетителите можат да минат неколку убави моменти во природа како и "училница„ за настава во природа . Интересно е што сега на самиот водопад е поставена и опрема за спуштање со јаже. Покрај самата патека можат да се забележат и остатоци од првата хидроцентрала во регионот преку која истиот се снабдувал со електрична енергија. Во поранешниот период голем дел од земјиштето и водата во овој дел се користеле за обработка и наводнување. Од пештерите најпознати се Шаркова дупка, Алилица и Калина дупка но регионот изобилува со уште многу вакви пештери преку целата своја територија.
Шаркова дупка се наоѓа во Општина Маврово-Ростуше, во националниот парк Маврово, блиску до зимскиот туристички центар, поточно во селото Маврово. Пештерскиот бисер е лоциран во непосредна близина на последните куќи од селото или веднаш под хотелот "Бистра". До влезот има 10-ина минути пешачење по изградена патека и скалила. Пештерата Шаркова Дупка, која е втората македонска пештера отворена за туристите, е заштитена со железна врата и со решетки, украсена со полукружни метални скали и целосно осветлена со рефлектори. Пештерата е откриена пред повеќе од три децении од страна на локалното население кое што тогаш се плашело да влезе во неа. Селанецот со прекар Шарко, кој живеел во непосредна близина на пештерата, прв собрал храброст. Тој исекол неколку дрва, ги спуштил во дупката и, со јажиња и со помош од соседите, успеал да влезе во внатрешноста на пештерата. Оттаму пештерската убавица си го добила името Шаркова Дупка. Пред влезната врата е поставена табла со мапа, која ги објаснува пештерските украси и богатиот животински свет со кој изобилува Шаркова Дупка. Посетителите се спуштаат во внатрешноста на пештерата со железни полукружни скали, кои водат во првата јама или дворана, на околу 20 метри под земјата. Таму температурата е под 12 Целзиусови степени. Подземната убавица ја красат сталактити, сталагмити прекриени со корали, сливови драперии и друг пештерски накит, кој дава слика на негибната убавина. Бидејќи почвата е богата со железо, повеќето од украсите се со карактеристична црвеникаво-кафена боја. Во Шаркова Дупка има разновиден животински свет: лилјаци, пајаци, гуштери, разни видови инсекти. Шаркова Дупка за некоја година може да стане вистинска туристичка атракција и да придонесе за развој на туризмот во Маврово.
Пештера Алилица - (спелеолошко-географски карактеристики)
Пештерата се наоѓа на околу 4 километри од Тресонче во средината на планината Бистра, од десната страна на Тресонечка Река на доста непристапен терен. Овој пештерски систем го сочинуваат два пештерски отвора - канала: Долна и Горна Алилица кои меѓу себе се поврзани со вертикален и со кос канал. Овде долината е во форма на клисура и е симетрична. Помеѓу отворите на Долна и Горна Алилица се наоѓа огромен сипар составен од распаднат варовнички материјал. Крајните делови на сипарот достигнуваат до самиот речен тек. Во пошироката околина на овој пештерски систем преовладуваат варовници, чија моќност достигнува неколку стотици метри. Всушност, комплексот Алилица претставува комплексна и сложена пештера која се состои од два континуални канала, што се наоѓаат на различна надморска висина и кос канал што ги поврзува. Неа, како што споменавме, ја сочинуваат Долна и Горна Алилица. Долната е подолга и од Горната. Влезот на пештерата Долна Алилица, којашто има елипсовидна форма, се наоѓа под стрмен варовнички отсек во нивото на Тресонечка Река на надморска височина од околу 1.450 метри надморска височина. Неговата експозиција е јужна. Висината на влезниот отвор е два метри, а ширината е 5,5 метри. На самиот влез се наоѓа ситен речен материјал, песок и чакал, наталожен од Тресонечка Река, што понекогаш го чини влезот целосно непристапен. За Долна Алилица е карактеристичен подземниот воден тек што се среќава по целата должина, со исклучок на почетокот на каналот, додека Горна Алилица е сува пештера. Каналот на Горна Алилица е инверзно наклонет, а на Долна - континуелно кон излезот, што значи дека првиот постепено се спушта кон внатрешноста, а вториот постепено се издига. Во Долна Алилица карактеристични се големи блокови камења урнати од таваницата, така што на дното од каналот се формирани разновидни акумулативни творби, а на таваницата ерозивни творби, кубиња, сводови и др. Во Горна Алилица од акумулативните творби се истакнуваат кади и каскади наредени една до друга. Најголемата има димензии 3 - 2 метри, а висината и е 40 см. И во едната и во другата се среќава наталожен речен материјал, чакал, кој по површината е карбонизиран, неговата дебелина, особено во долниот канал, изнесува 3 метри. Ова нî упатува на постоење пештерска акумулативна тераса, а и на подземен речен тек во Горна Алилица. Во Долна Алилица со регресивна ерозија добар дел од чакалите се однесени. Ова ни укажува и на зголемена механичка ерозија и корозија, што ја врши пред сî, подземниот речен тек и водата прокапница, од една страна, а од друга страна, овие акумулативни тераси зборуваат дека и во Горна Алилица постоел посилен подземен водотек. Одводнувањето на планината Бистра во овој дел се врши преку површински водени текови на Тресонечка Река, а и подземно преку подземниот тек на Долна Алилица. Подземниот водотек во Алилица понира на местото кај точката 4, а бидејќи има повеќе извори во ниво на речните текови на Тресонечка Река, спелеолозите во неколку наврати пристапија кон боење на подземната вода. Целта беше да се констатира каде се движи водата од подземниот тек, односно да се утврдат подземните врски и можности за појавување на оваа вода низ околните планински извори. Во самата пештера е извршено боење со флуоресцеин. Спелеолозите претпоставуваа дека флуоресцеинот ќе се појави во водата од еден карстен извор што се наоѓа на околу 500 метри низводно од влезот на пештерата. Меѓутоа, бојата во овој извор воопшто не се појави, но по три дена се обоија водите на Тресонечка Река, од некои други непознати извори. Констатирано е дека овде веројатно има смена на пропустливи и непропустливи карпи, на што укажуваат и големите акумулации чакал во горниот пештерски канал, што значи дека постојат и независни подземни текови и пукнатини во карстот и во планината. Независни подземни текови се јавуваат како резултат на смената на горните карпи во вертикала, така што овде примерот на загатен карст не е карактеристичен. Тој е претставен во пониските делови. Вкупната должина на пештерските канали во системот Алилица изнесува 590 метри.
Флората во регионот е претставена од најразлични елементи со над 1000 видови виши растенија од кои 38 се дрвни видови а 35 грмушки. Националниот парк Маврово е единствено наоѓалиште во рапубликава за 12 ретки растителни видови а во неговите граници се среќаваат уште 33 други видови на растенија кои се многу ретки во останатите делови од државава.
Животинскиот свет е доста богат и располага со голема разновидност. Фауната е претставена со 11 видови водоземци, 12 видови влекачи, 140 видови птици, и 38 видови цицачи.Со законот за ловство на Р.Македонија за дивеч се прогласени околу 116 видови од кои 22 од класата на цицачи и 94 видови од класата на птици. Од оваа бројка во националниот парк заштитени се околу 82 видови, од кои 18 припаѓаат на класата на цицачи а 64 на класата на птици. Како поинтересни животински видови кои често се среќаваат при посетата на националниот парк се: рисот,мечката, волкот, лисицата, дивокозата, елени и срни и мн.други.
МАНИФЕСТАЦИИ Позначајни културни и спортски манифестации кои се одржуваат на територијата на општината се:
- Галичката свадба (се организира на празникот Патров ден секоја година на 12.07)
Реканско културно лето (традиционална културна манифестација препознатлива по денот на традиционалната реканска пита а се организира за време на летниот период)
- Празнување на месецот Рамазан и Курбан Бајрам во реканскиот регион( верски обреди од кои месецот Рамазан трае еден месец и е специфичен по тоа што се организира вечерно будење на населението со традиционална музика. Празнувањето на овие празници се поместува секоја година )
- Празнување на Водици во повеќето села од регионот( овој христијански празник се празнува во повеќето населени места во општината но најинтересно е празнувањето во Битуше каде што церемонијата изобилува со доста специфични моменти. Тука може да се види народната носија која е многу убава и скапа, церемонијата на фрлање на крстот, припрема на традиционална храна за гостите и сл. Овој празник се празнува од 17ти до 19ти Јануари секоја година).
- Селски слави во повеќето мијачки села кои по својата автентичност се надалеку познати и доста посетени.
- Снежен град (се организира во зимскиот период во организација на детското одморалиште Бунец)
- Празнување на 2-ри Август - Илинден во Битуше
- Ликовна колонија -Галичник (се одржува во летниот период)
- Успение на пресвета Богородица на 27ми и 28ми август секоја година во с. Леуново

|