|
Ќе може да се создадат сперматозоиди од матични клетки |
|
Петок, 05 Февруари 2010 11:32 |
|
Научниците тврдат дека за десет години оваа технологија би требало да им овозможи на неплодните парови да добијат генетски целосно свои деца, а на жените да зачнат без маж.
Научниците од Институтот North-East England Stem Cel со истражувањето на ембрионалните матични клетки успеале да создадат здрави сперматозоиди кои ќе можат да оплодат женска јајце клетка. Дури, постои можност сперматозоид да се направи од женски матични клетки, што значи дека жените ќе можат да забременат без маж. За прв пат во историјата, во лабараторија е создаден човечки сперматозоид, но резултатите од ова истражување веќе предизвикаа расправи за етичноста на ембрионалните истражувања. Истражувањето е објавено во ценетиот медицински магазин Stem Cells and Development, а тимот го предводел професорот Карим Наерни, кој веќе имал успех во сличните обиди на глувци кои успеале да добијат потомци. За да се изолираат матичните клетки користен е ласер. Клетките започнале да се делат за по некое време да се појави главата и опашот, а сперматозоидот полека започнал да се движи. Во Институтот велат дека во наредната деценија ќе биде можно да се изолираат матични клетки од кожата. Но, додека не се променат законите, кои во повеќето земји забрануваат оплодување со вештачки сперматозоиди, оваа пракса ќе се задржи само во лабараториите.

|